На Шар Планина е забележана ретка и прекрасна сцена – мајка мечка со две мали мечиња, родени годинава, како се движат низ високопланинските пасишта. Видеото го објави Националниот парк Шар Планина, појаснувајќи дека мечките се строго заштитен вид и имаат клучна улога во природниот екосистем.
Од паркот објаснуваат дека малите мечиња во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат во дивината, а во видеото се гледа дека се љубопитни, но сепак избегнуваат близок контакт со луѓе — нормално и здраво однесување за овој вид.
Посочуваат и дека мечките не поминуваат во целосен „зимски сон“, туку во состојба на длабок мир, што значи дека во потопли зими може да станат и да го напуштат леглото.
Оваа година имало почести појавувања на мечки околу шарпланинските села, најверојатно поради дивите депонии и вознемирувањето во планината.
Од Националниот парк потсетуваат на најважните препораки при средба со мечка:
- Избегнувајте блиски средби – зборувајте погласно, правете шум и не се движете низ густи грмушки.
- Никогаш не се обидувајте да правите селфи со мечка.
- Ако ја видите: застанете, зборувајте мирно и повлечете се без трчање.
- Ако има младенче – мајката е секогаш во близина.
- Ако се подигне на задни нозе – тоа не е напад, туку обид да ве препознае.
- При напад: легнете на земја, покријте го вратот и останете неподвижни.
- Препорачана опрема: спреј за мечки и ѕвонче.
Од Националниот парк велат дека видеото е потсетник колку е вреден и редок овој вид и апелираат посетителите да ја почитуваат природата и да ѝ остават доволно простор за мирно живеење.
















