Македонец во „Симпсонови“ – лик од Македонија дебитира во новата епизода како бејзбол сензација
Во недела, на 27 април, во 20 часот по американско време (2 часот по полноќ во понеделник по македонско време), на телевизијата FOX ќе се емитува 15-тата епизода од 36-та сезона на легендарната анимирана серија „Симпсонови“. Она што ја прави оваа епизода посебна е тоа што за првпат во историјата на серијата ќе се појави лик од Македонија.
Веста ја сподели Невена Нешкоска, која заедно со нејзиниот брат Наум и сестра ѝ Калина стои зад детскиот едукативен канал „Дарко Биберко“. Таа откри дека новиот лик во серијата е спортист кој доаѓа во Спрингфилд како вистинска сензација од Македонија – иронично, во спорт кој не е баш македонски: бејзбол.
„Креаторите на „Симпсонови“ одлучиле да внесат лик – спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија. За кој спорт станува збор? Нормално, за најпопуларниот и најисконски македонски спорт… бејзбол“, напиша Нешкоска.
Таа дополнително сподели детали за вклученоста на неа и нејзиното семејство во креирањето на епизодата.
„Што се однесува на тоа како бевме вклучени во епизодата: учевствувавме во преводот, јас лично имав консултантска улога, а сите тројца испеавме песна што ја преведовме од англиски на македонски“, објасни Нешкоска.
Епизодата премиерно ќе се прикаже во недела вечер на американската телевизија FOX, а сите љубители на „Симпсонови“ кај нас ќе можат да ја проследат онлајн во понеделник наутро.
„Па ајде понеделник рано на сабајле сите да навиваме за нашите Springfield Isotopes“, додаде Невена.