Иако обичната вода често се смета за најдобар избор за хидратација, сè повеќе истражувања укажуваат дека природната минерална и газирана вода може да понуди значајни здравствени придобивки.
Овие води се богати со минерали како натриум, калциум, калиум и јод, што ги прави особено корисни за рехидратација – особено во случаи на интензивно потење или состојби на дехидратација. Газирана вода може да помогне во одржување на телесната температура, концентрацијата и позитивното расположение, а воедно претставува и здрава замена за засладените пијалаци, под услов да не содржи додадени шеќери или вештачки ароми.
И покрај нејзината природна киселост – pH вредноста на газираната вода е меѓу 3 и 4 – таа не влијае негативно врз киселинско-базната рамнотежа на организмот, бидејќи телото самостојно ја регулира преку бубрезите и белите дробови.
Интересен е и податокот дека некои студии укажуваат на тоа дека газираната вода може да го стимулира лачењето на хормонот лептин – супстанција која игра клучна улога во контролата на апетитот и создавање чувство на ситост.
Сепак, експертите предупредуваат дека по интензивен физички напор не се препорачува веднаш внесување газирана вода. Во тие моменти, за правилна рехидратација и одржување на електролитната рамнотежа, се препорачува обична вода или изотонични напитоци.
Консумирана во умерени количини, природната газирана вода може да биде освежувачки и корисен дел од секојдневната исхрана.