Зошто прегратките се клучни за здрав развој на детето
Човечкото суштество има биолошка потреба од допир – особено кога станува збор за релацијата помеѓу родител и дете. Нежниот допир е многу повеќе од гест: тој директно го поддржува менталното здравје, ја зајакнува физичката врска со другите и ги јакне социјалните односи.
Истражувањата покажуваат дека ваквиот допир го намалува пулсот, ја подобрува комуникацијата помеѓу различни делови од мозокот и поттикнува лачење на хормони и невротрансмитери кои предизвикуваат чувство на среќа и безбедност.
Прегратките – моќен поттик за детскиот развој
Прегратките не се само знак на љубов – тие играат клучна улога во развојот на детето. Уште од првите мигови по раѓањето, допирот и прегратките го поддржуваат мозочниот развој, растот, емоционалната стабилност и способноста за регулирање на емоциите.
Особено важен е овој контакт во првите пет години од животот, кога се поставува темелот на мозочната архитектура. Во тој период, негувачкиот допир ја зголемува активноста на окситоцинските рецептори – хормонот на љубовта и приврзаноста – додека истовремено го намалува нивото на кортизол, познат како хормон на стрес.
Може ли детето да добие „премногу“ прегратки?
Краткиот одговор е – не. Не постои нешто како „преголема“ доза љубов, освен ако детето изречно не сака да биде прегрнато.
Познатата изрека дека ќе „го разгалите бебето ако го држите премногу“ е целосно неточна. Напротив, кога ќе реагирате на вознемиреноста на детето со прегратка, му испраќате важна порака – дека сте тука кога се чувствува ранливо, уплашено или збунето. Ова е темелот врз кој подоцна ќе ја гради својата емоционална интелигенција и емпатија.
Прегратката може да биде премногу само ако детето ја доживува како наметнување, нарушување на личниот простор или ако ја спречува неговата автономија.
Долгорочните придобивки од родителска топлина
Научните докази недвосмислено укажуваат дека децата кои растат со топлина, нежност и прифаќање од родителите, имаат повисоко самодоверба, подобри резултати во училиште, поквалитетни односи и помалку психолошки проблеми.
Од друга страна, децата кои растат во средини каде доминираат студенило, критикување, осуда или постојано казнување, често покажуваат повисоко ниво на агресија, непријателство и имаат зголемен ризик за ментални нарушувања.