Ќебињата и прекривките се неизоставен дел од домот, особено во студените месеци, но нивното одржување бара внимателен пристап. Во дневните простории тие брзо собираат прашина, трошки, дамки и влакна од домашни миленици, додека во спалните и детските соби најчесто се валкаат од прашина и природни масла од кожата.
Памучните ќебиња се најлесни за одржување и вообичаено може без проблем да се перат во машина, на температурата препорачана од производителот. Со волнените ќебиња, пак, потребна е поголема претпазливост.
Иако волната природно е поотпорна на нечистотија и мириси, не поднесува агресивно перење. Во текот на зимата, најчесто е доволно ќебињата редовно да се истресуваат, да се проветруваат на свеж воздух или сонце и повремено нежно да се четкаат за да се отстранат насобраните влакна и прашина.
На крајот од сезоната, доколку етикетата тоа го дозволува, волненото ќебе може да се испере во машина, но исклучиво едно по едно. Препорачливо е претходно кратко да се натопи во млака вода со детергент наменет за волна.
Перењето треба да се изврши на специјален програм за волна, без центрифугирање. По плакнењето, ќебето внимателно се исцедува без виткање и се суши поставено рамно на хоризонтална површина, далеку од директна сончева светлина или извори на топлина, за да ја задржи формата и мекоста.
















