Автомобилот „Застава 101“ беше базиран на тогаш технички многу модерен Фиат 128, со малку изменет заден дел и беше еден од првите автомобили произведени во сега распространетата хечбек варијанта.
Пет врати беа реткост во тоа време, а „Застава 101“ беше привлечен за купувачите не само поради неговиот дизајн, туку и по пристапната цена.
Овој модел брзо стана најпродаваното возило на Застава на просторите на поранешна Југославија, а поради пристапната цена постигна и значителен извозен успех, пред се во источноевропските земји, но и ширум светот.
Фејсбук страницата „Застава 101 форум“ објави извадок од магазинот АВТО кој е објавен во далечната 1972 година, практично на самиот почеток на продажбата на овој модел, на кој се наведува дека тогашната цена била 40.040 динари или 2.084 долари.
Кога ќе се земе предвид инфлацијата во изминатите 50 години, доаѓаме до бројката дека денес Застава 101 би чинела точно 16.179 долари или 14.953 евра.