Земјата која со години се наоѓа на врвот на листата за најсреќна нација во светот реши да ја сподели својата „тајна“ со луѓе од целата планета – и тоа без тие да платат ниту денар.
Станува збор за Финска, која објави глобален повик за сите што сакаат да направат пауза од секојдневниот стрес. Избраните кандидати ќе добијат можност да поминат седум дена во природата на оваа нордиска земја, додека трошоците за патување и сместување ќе бидат целосно покриени.
Посетителите ќе престојуваат во регионот Лејкленд, познат како најголемата област со езера во Европа. Таму ги очекуваат илјадници мирни езера, густи шуми и животен ритам далеку од бучавата и технологијата.
Идејата на програмата е гостите да го почувствуваат начинот на живот што Финците го практикуваат во летните месеци. Наместо урбаниот хаос, учесниците ќе уживаат во активности како риболов на тивки езера, прошетки низ нордиските шуми и традиционалната финска сауна проследена со капење во студена вода.
Организаторите велат дека многу посетители постојано се прашуваат зошто жителите на оваа земја се толку задоволни од животот. Според нив, одговорот често се наоѓа токму во природата и во едноставниот начин на живеење.
Секој што сака да се пријави треба да сними кратко видео и да го објави на Инстаграм или ТикТок, објаснувајќи зошто би сакал вакво „ресетирање“. Пријавите се примаат до 29 март 2026 година, а избраните кандидати ќе патуваат во текот на јуни.


















