Синоќа во Народен театар – Битола премиерно се изведе претставата „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски. Се работи за праизведба на романот на писателот Ташко Георгиевски од 1966 година, кој за прв пат се поставува во театар. А ова е второ негово дело со сценска адаптација по „Рамна земја“ во 1985 година во МНТ.
На премиерата на претставата присуствуваше и дел од неговото семејство и потомци за кои оваа претстава има посебно емотивно значење бидејќи се поставува во годината кога се одбележуваат 90 години од неговото раѓање.
„Прекрасно во секој случај, се враќаат некои моменти. Убаво е чувството но на моменти и тажно. Татко ми ќе беше задоволен и ние сме целосно задоволни. Бевме многу пријатно изненадени и ни беше многу драго што се разви целата оваа приказна. Особено затоа што оваа година се 90 години од неговото раѓање, што е убав начин да се почне оваа годишнина. Практично ова е прв настан а следат уште неколку. Ќе има некое реиздание но за жал немаме некој материјал погоден за прво објавување. Можеби во некоја подалечна иднина ќе се пронајде некој материјал погоден да се преработи.“ – вели Кристи Георгиевски, помладиот син на Ташко.

Култниот роман на Георгиевски, кој во детството живеел во селото Старавина во Битолско Мариово, по дваесетина години е прво дело од редот на најзначајните дела на македонската книжевност кое се поставува во Народен театар – Битола. Се смета дека овој роман е еден од антологиските романи кои зборуваат за Македонецот и неговата судбина. А со претставата режисерот се обидува да ја потсети публиката која ќе ја погледне премиерата, на една голема голгота на македонците од Егејска Македонија после втората светска војна и нивните трагични судбини. Таа нивна приказна треба да биде запишана во нашиот генетски код како народ бидејќи е потребно приказната да остане жива.
Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски, Александар Копања, Марија Цветановска, Петар Спировски, Живко Борисовски и Хари Михајловски. Кои синоќа беа наградени со повеќеминутен аплауз на публиката.