Младите генерации сè почесто го менуваат односот кон алкохолот, а трендот на намалена потрошувачка, кој веќе подолго време се забележува во светот, може да се препознае и во податоците за Македонија.
Иако во земјава нема детално истражување кое ја анализира консумацијата на алкохол конкретно кај Генерацијата Зет, статистичките показатели покажуваат дека македонските домаќинства денес купуваат и консумираат значително помалку алкохол отколку пред две децении.
Според податоците од анкетата за потрошувачка на домаќинствата, во 2002 година едно четиричлено домаќинство во просек годишно консумирало повеќе од 80 литри алкохолни пијалоци. Во 2025 година количината се намалила на околу 35,5 литри, што претставува пад од приближно 57 проценти.
Особено голема промена има кај традиционалните алкохолни пијалоци. Потрошувачката на вино по домаќинство е намалена за околу 77 проценти, додека кај ракијата падот достигнува 86,7 проценти. Од друга страна, иако количините се релативно мали, се забележува раст на потрошувачката на вотка и шток од над 200 проценти.
Промени има и кај безалкохолните категории. Од 2019 година во статистиката се појавуваат енергетските пијалоци, чија потрошувачка бележи континуиран раст.
Проценките врз основа на достапните податоци за продажбата на алкохол исто така укажуваат на пад. Од над 150 милиони литри пред околу две децении, денешниот пазар се проценува на околу 125 милиони литри, односно приближно 20 проценти помалку.
Сепак, помалата количина не значи и дека граѓаните трошат помалку пари. Во последните години се зголемува уделот од домашниот буџет што се издвојува за алкохол, на што влијаат инфлацијата, повисоките цени и промената кон поскапи производи и брендови.
И податоците на Светската здравствена организација покажуваат надолен тренд. Просечната потрошувачка на чист алкохол кај лицата над 15 години од 5,2 литри во 2002 година во последните години е проценета на помалку од четири литри.
Причините за промената на навиките може да бидат повеќе. Кај помладите генерации се забележува поголем интерес за здравјето, фитнесот и велнесот, додека влијание имаат и променетите навики за дружење по пандемијата и животот во ерата на социјалните мрежи.
Сепак, без релевантно домашно истражување поделено според возраста, не може со сигурност да се тврди дека токму младите се главната причина за падот на потрошувачката.
Она што бројките го покажуваат е дека навиките во Македонија се менуваат – се пие помалку отколку пред две децении, а пазарот постепено се приспособува кон новите потрошувачки трендови.










