Премиерата на „Црно семе“ во Битолскиот народен театар се совпаѓа со две годишнини: 100 години од издавањето на Абецедарот, букварот на македонски јазик отпечатен во Атина во мај 1925 на лерински народен говор и 90 години од раѓањето на Ташко Георгиевски. Со режисерот Андреј Цветановски зборуваме за истовремената универзалност, но и посебноста на трагичната судбина на ликовите, кои на Садизмот и Бескрупулозноста одговараат со Чистота и Истрајност.
Романот „Црно семе“ на Ташко Георгиевски од 1966 е потресно дело што ја отвора темата за македонскиот идентитет. Кој е вашиот мотив за оваа нова драматизација (по онаа за истоимениот филм од 1971 на Кирил Ценевски) – дали конкретната судбина на населението од Егејска Македонија или третирањето на универзални теми за човечките права, репресијата и облиците на отпор?
Темата на „Црно семе“ е голема, посебно за историјата на Македонецот од Егејска Македонија. Но таа е релевантна и за сите други приказни за луѓето кои завршиле на слични места како островите кои се користеле како концентрациони кампови. Морам да признам дека двете причини постоеја во мојата глава и наизменично стануваа приоритетни во делот на подготовка за пробите. Но како што се кристализираше сликата во мојата глава, така сфатив дека големината на темата е универзална, и дека секој мал народ има слична судбина во однос на непризнавањето на потребата да се чувствуваат како свои. Преку занимавањето со прашањето дали треба да се издржи и да се остане свој и покрај сите притисоци, мислам дека направивме претстава која зборува за индивидуалното страдање и начинот на кој секој еден човек го носи крстот, и како се бори со тоа да остане свој, но и што е она што го крепи да издржи, бидејќи „Мислата е посилна од сè“!
Се има впечаток дека во медиумите и кај стручната јавност (лингвисти, историчари), подолг период темите поврзани со децата-бегалци и воопшто со историјата на Егејска Македонија отсуствуваат. Па и во уметноста, како таа да замира со заминувањето на повозрасната генерација автори, кои како и Георгиевски ја доживеале судбината за којашто пишуваат. Дали вашата претстава е обид за заживување на оваа дискусија, која нужно повлекува и политички толкувања?
Мислам дека е многу важно да зборуваме за нашите теми и за нашите приказни. Приказните кои постојат во нашата традиција треба да останат живи за новите генерации да не ги заборават и да им станат туѓи и далечни. А мислам дека веќе сме оддалечени од темата, посебно младите генерации кои не ја знаат приказната за големиот егзодус и раселувањето на 28 илјади деца во период од две години. За да се создава национално чувство, треба да ги знаеме своите приказни. Потребно е да ја знаеме својата историја и многу потребно е да ги раскажуваме нашите приказни. Бидејќи ако ние не ги раскажуваме, нема да има кој да ги раскажува. Со текот на времето ќе паднат во заборав.