Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека примирјето, кое вклучува пловење во Црното Море и заштита на енергетската инфраструктура, започнало денес. Тој исто така нагласи дека Украина ќе побара повеќе оружје и построги санкции за Русија доколку дојде до кршење на договорот.
„Ако Русите го прекршат овој договор, имам директно прашање до претседателот Трамп. Ако го прекршат, еве го доказот – бараме санкции, бараме оружје и така натаму“, изјави Зеленски.
Тој исто така напомена дека САД понудиле поширока рамка за соработка во врска со договорот за минерали. Зеленски додаде дека петтата точка од договорот во Ријад се разликува помеѓу Русите и Украинците – додека украинско-американското соопштение се фокусира на враќање на децата и затворениците, руското соопштение се занимава со прашања за пристаништата и транспортот на земјоделски производи, пренесува Украинформ.
Претседателот на Украина истакна и дека на самитот на лидерите на Европската унија во Париз, во четврток, може да биде претставен конкретен план за мировни трупи во Украина, но дека таков план најверојатно ќе треба да биде потврден од украинскиот парламент.
Претходно, САД соопштија дека постигнале одделни договори со Украина и Русија за обезбедување безбедно пловење во Црното Море и спроведување на забраната за напади на енергетските објекти во двете земји.