Говедското месо во Македонија достигна цена од околу 1.000 денари за килограм, а во Германија истото месо се продава и до 50 евра, што претставува ценовен шок за потрошувачите и аларм за сточарството. За само една година, цените во европските земји пораснаа за 50 проценти, а трговците предупредуваат дека поскапувањата ќе продолжат.
Според сточарите, главни причини за овој тренд се намаленото производство, кризата во секторот поради недоволна државна поддршка, доцнењето на субвенциите и болестите кај животните. Во Македонија, јунешкиот бут и удина веќе се продаваат меѓу 900 и 1.000 денари, додека реброто е околу 600 денари за килограм.
За разлика од тоа, цената на свинското месо останува релативно стабилна – од 260 до 400 денари за килограм, додека пилешкото бележи мало покачување и се движи меѓу 300 и 400 денари во зависност од делот.
Сточарите жестоко реагираат на ниските субвенции, нагласувајќи дека Македонија издвојува далеку помалку средства во споредба со европските земји. На пример, Словенија годишно исплаќа околу 600 милиони евра субвенции, додека кај нас износот е само 140 милиони евра. И соседна Србија има двојно поголема поддршка за земјоделството, што резултира со посилно сточарство.
Проблемите не застануваат тука – овчарите сè уште ја чекаат исплатата на дел од субвенциите за 2024 година, а новите правила наложуваат дека мора да испорачаат 30% од јагнињата во регистрирани кланици за да добијат финансиска поддршка. Дополнително, укината е субвенцијата за женски јагниња, а зголемена е и пашарината.
Ситуацијата е слична и во регионот – во Грција говедското достигна 20 евра за килограм, а во Хрватска цените за една година пораснале за 22,4 проценти. Во Германија, пак, килограм квалитетен стек достигна неверојатни 40–50 евра, што е најголемо покачување во последната деценија.
Сточарите предупредуваат дека бројот на говеда постојано опаѓа, многу фарми се затвораат, а наследници за продолжување на бизнисот речиси и да нема. Ако трендот продолжи, велат, цената на говедското кај нас лесно ќе ја надмине границата од 1.000 денари за килограм.