Премиерот Христијан Мицкоски најави дека платите на здравствените работници за март ќе се зголемат за 15 проценти, а до крајот на мандатот ќе се зголемат за дополнителни 40 до 50 проценти. Ова го изјави денеска по посетата на Ново Село во струмичко, одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски потсети дека од 1 април започнува исплатата на линеарно зголемените пензии за 2.500 денари.
„Буџетот за здравство, односно за Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), е историски највисок, со 53 милијарди денари, што е за 18 милијарди повеќе во споредба со 35 милијарди денари во времето на короната. Се враќаат долгови кои ги остави претходната влада, а генерално, инвестициите во здравството се од огромна важност за нас“, истакна премиерот.
Во однос на пензиите, тој додаде дека со априлското зголемување се реализира уште едно владино ветување.
„Со ова зголемување од 2.500 денари, заедно со претходните покачувања, доаѓаме до 5.000 денари линеарно зголемување во првата година. Помалку од една година, за девет месеци, го реализираме она што го ветивме. Сето што го ветивме го испорачуваме на граѓаните и продолжуваме да работиме во нивен интерес“, истакна Мицкоски.