На повеќето берзи цените на акциите денеска пораснаа, по падот во претходните денови, додека цената на златото достигна рекордни нивоа поради неизвесноста на финансиските пазари.
Индексот MSCI на азиските акции порасна за 0,4% во 7 часот, а јапонскиот индекс Никеи се зголеми за 0,9%. Цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,5% и 2,4%, додека во Јужна Кореја паднаа.
Растот на индексите се должи на корекцијата по падот оваа недела, додека кинеските берзи растат по најавата на владата за нови мерки за економски раст. Флуктуациите на берзите и понатаму покажуваат неизвесност, како што беше случајот на Волстрит, каде индексите паднаа за повеќе од 1%.
На валутните пазари, доларот порасна во однос на кошницата валути. Индексот на доларот се зголеми на 103,98 поени, додека курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна на 148,60 јени. Европското евро се ослабна и се лизна на 1,0845 долари.
Цените на нафтата пораснаа по падот вчера. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава порасна за 0,60%, на 70,30 долари, а на американскиот пазар порасна за 0,66%, на 66,95 долари.
Поради ескалацијата на царинската војна, инвеститорите се упатуваат кон златото, кое се зголеми за 2,6% од почетокот на неделата, достигнувајќи рекордни 2.990 долари за унца.