Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека граѓаните кои работеле во странство нема да треба да плаќаат данок во земјата доколку докажат дека компанијата преку која биле ангажирани веќе платила данок во државата каде што работеле, објави МИА.
„Не станува збор за ретроактивен данок. Законот го донела претходната Влада на СДСМ и ДУИ, а УЈП мораше да испрати известување до граѓаните пред да застарат решенијата. Ако тоа не го направеше, следната Влада или оваа Влада можеше да бара кривична одговорност за директорката на УЈП. Сега, граѓаните треба да докажат дека фирмите што ги ангажирале платиле данок во странство и тогаш УЈП нема да го наплати данокот“, објасни Мицкоски.
Премиерот ова го истакна за време на увид на градежните работи на автопатот Гостивар – Букојчани, во придружба на министерот за транспорт Александар Николовски, заменик-амбасадорката на САД Никол Варнс и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.

















