Во затворот Идризово е пронајден параглајдер со седиште, подготвен за склопување и бегство, потврди директорот Зоран Јовановски во поткастот „Претрес“. Според него, планот за бегство бил откриен откако лицата кои го подготвувале биле издадени од нивен цимер-затвореник.
Параглајдерот бил сместен во торба и пронајден при реновирање на кровот. При отворањето на торбата, биле откриени деловите од леталото, седиште и гумени рачки за управување. Директорот појасни дека параглајдерот можел лесно да се внесе во установата, бидејќи на безбедносните скенери не се регистрира метал, туку се третира како гардероба или неметален предмет.
„Со поголем, а слаб ветер, овој параглајдер може да полета“, истакна Јовановски, додавајќи дека постојат првични индиции за затвореникот за кој бил наменет леталото и дека станува збор за физички подготвен човек.
Случајот сериозно се анализира, а затворот ќе спроведе дополнителни безбедносни проверки за да се спречат вакви обиди во иднина.

















