Српската сообраќајна полиција синоќа во Борча од сообраќај исклучила 23-годишен возач кој со автомобил „BMW“ се движел со неверојатни 233 километри на час.
Според изјавата на српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, инцидентот се случил околу 21:51 часот, на дел од патот надвор од населено место каде што максимално дозволената брзина е 80 км/ч.
Тоа значи дека возачот се движел со речиси трипати поголема брзина од дозволената.
Полицијата го запрела возачот и го исклучила од сообраќај, а против него ќе бидат преземени соодветни мерки согласно сообраќајните прописи.
Дачиќ упати апел до сите учесници во сообраќајот, особено до младите возачи, доследно да ги почитуваат правилата и брзината да ја приспособат на условите на патот.
„Тренуток на невнимание, непромислена одлука и неодговорно однесување зад воланот можат да имаат трагични и ненадоместливи последици“, порача Дачиќ.
Тој додаде дека само со одговорно однесување на секој учесник во сообраќајот може да се придонесе за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зачувување на човечките животи.







