Тригодишно момче почина во Сен Гратјен, во францускиот департман Вал д'Оаз, откако останало заробено во паркиран автомобил за време на топлотниот бран што ја погоди земјата, соопштија денеска француските официјални лица.
Според наводите на обвинителството во Понтоаз, детето било пронајдено во бесвесна состојба од неговите родители во возило паркирано пред семејната куќа, пренесува „Фигаро“. И покрај обидите на родителите и на итните служби да го реанимираат, момчето било прогласено за мртво во 19:35 часот.
Истрагата покажала дека таткото во моментот на инцидентот работел во помошен објект во дворот, додека мајката се одмарала со нивното друго дете, старо 18 месеци.
Влегло во автомобилот и не можело да излезе
Според првичните информации, момчето им побегнало од вид на родителите најмалку 45 минути, влегло во автомобилот чии врати не биле заклучени и останало заробено внатре.
Возилото имало вклучена безбедносна брава за деца (child lock), поради што детето не можело самостојно да излезе од автомобилот.
Мајката по трагедијата била хоспитализирана поради состојба на шок, а обвинителството покрена истрага поради сомнение за убиство од небрежност. Несреќата се случи среде рекорден топлотен бран што ја погоди Франција.
Најжешкиот ден во историјата на мерењата
Метеоролошката служба „Метео Франс“ соопшти дека земјата вчера го забележала најтоплиот ден од почетокот на мерењата, со просечна национална температура од 30 степени Целзиусови.
Ова е втор ваков случај во Франција оваа недела. Во понеделникот, две деца, на возраст од две и четири години, беа пронајдени мртви во семејниот автомобил на паркинг пред станбена зграда во Карпантрас, на југот на земјата.






