Во Лепосавиќ е уапсена М. М., осомничена за обид за убиство на тригодишно момче со остар предмет, соопшти полицијата.
Случајот бил пријавен вчера околу 12:20 часот, откако во Главниот центар за семејна медицина во Лепосавиќ било донесено тригодишно дете со повреди за кои постоело сомнение дека биле нанесени со нож.
Според првичните информации од истрагата, осомничената, родена во 1990 година, наводно го нападнала детето додека тоа се наоѓало на улица во соседството.
Детето се здобило со повреди на рацете и градниот кош. Според лекарскиот извештај, неговата состојба е стабилна и е надвор од животна опасност.
Полицијата успеала да ја уапси осомничената. Според соопштението, при апсењето таа наводно се обидела да ги нападне полициските службеници, но била совладана без дополнителни последици.
Од полицијата наведуваат дека во текот на првичната истрага добиле информации дека осомничената има проблеми со менталното здравје. Оваа информација претставува дел од истрагата и не треба да се толкува како утврдена причина или мотив за настанот.
Случајот е пријавен кај надлежниот државен обвинител, кој наложил поведување кривична постапка за „обид за убиство“.
Осомничената најпрво била задржана 48 часа, а денеска била изведена пред суд, кој ѝ одредил притвор до 30 дена.
Истрагата продолжува за целосно утврдување на околностите под кои дошло до нападот.







