Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за тешки кривични дела поврзани со полово насилство и уцена, откако беа преземени сите потребни дејствија и обезбедени релевантни докази, објави 4NEWS.mk.
Според обвинението, лицето се товари за кривично дело „Полов напад и силување“ по член 186 став 7 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, како и за кривично дело „Уцена“ согласно член 259 став 1 од истиот закон.
Настанот се случил на 3 декември, кога обвинетиот, спротивно на јасно изразената волја на оштетената и со примена на сила и сериозни закани по нејзиниот живот и тело, извршил друго полово дејствие врз неа. Тој ја принудил жртвата да влезе во изнајмен апартман, каде се обидел да ја присили на сексуални односи.
Во текот на нападот, обвинетиот и се заканувал со нож дека ќе ја лиши од живот, при што ѝ нанел и телесни повреди со нож на левата нога и во пределот на слабината. Во обид дополнително да ја заплаши, тој телефонски се јавувал кај својата сопруга и кај други лица, кажувајќи дека ќе ја заколе оштетената, додека го држел ножот под нејзиното грло. Под такви закани и присила, жртвата била натерана и на други полови дејствија.
Целиот настан обвинетиот го снимал со својот мобилен телефон.
Два дена подоцна, со цел да прибави противправна имотна корист, тој телефонски и се заканил на жртвата дека ќе го објави видеото на социјалните мрежи и ќе го испрати до нејзини пријатели, доколку не му исплати сума од 2.500 евра.
Жената го пријавила случајот, по што надлежните органи организирале контролирано примопредавање на обележани банкноти. Веднаш по предавањето на парите, обвинетиот бил уапсен од полицијата.
Со оглед на тоа што и понатаму постои опасност од бегство, како и ризик обвинетиот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
















