ПРВ.мк
Црна Хроника

РАСПРАВИЈА НА ПАТОТ ПРЕРАСНАЛА ВО ХОРОР: Браќа осомничени за обид за убиство!

РАСПРАВИЈА НА ПАТОТ ПРЕРАСНАЛА ВО ХОРОР: Браќа осомничени за обид за убиство!

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против двајца браќа, на возраст од 43 и 44 години, кои се осомничени за обид за убиство извршен во соизвршителство по инцидент што започнал со сообраќајна расправија.

Според информациите од Обвинителството, на 6 јуни во близина на авто-плац во скопското село Шишево, осомничените со умисла се обиделе да одземат живот на едно лице, а со нивните постапки биле доведени во опасност и уште две лица кои се наоѓале во близина.

Настанот имал претходница во сообраќаен инцидент кога братот на оштетениот и еден од осомничените се разминувале со возилата и при тоа дошло до допирање на ретровизорите. По инцидентот следувала жестока вербална расправија која дополнително ги влошила односите меѓу инволвираните лица.

Во текот на расправијата, според наводите на истрагата, еден од осомничените физички го нападнал оштетениот, фаќајќи го за врат, при што му упатувал и сериозни закани. Понатамошна ескалација тогаш била спречена од двајца сведоци кои интервенирале и ја смириле ситуацијата.

По инцидентот, оштетениот заминал да ја земе својата сопруга од работното место, а потоа го контактирал својот брат за заедно да проверат дали можат безбедно да се вратат по истиот пат по кој претходно поминале.

Но, според сомнежите на Обвинителството, двајцата браќа во меѓувреме се подготвиле за одмазда. Во близина на местото каде што се случил првиот конфликт, тие наводно се сокриле во грмушки и чекале да помине возилото во кое се наоѓале оштетениот и неговите блиски.

Кога автомобилот пристигнал во близина, првоосомничениот наводно испукал два куршуми кон возилото. Еден од проектилите го погодил братот на оштетениот во пределот на главата, при што му била нанесена тангенцијална повреда. Со пукањето, според истрагата, бил загрозен и животот на уште две лица кои се нашле на местото на настанот.

Надлежниот јавен обвинител веќе издал наредба за спроведување истражна постапка, а до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Како причини за барањето се наведуваат опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоците, како и ризикот од повторување или довршување на кривичното дело.