ПРВ.мк
Црна Хроника

МАЈКАТА НА МАТЕЈ СО ЈАСНА ПОРAКА ПРЕД ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ: „Ако го одбијат притворот за Деко, излегуваме на протести!“

МАЈКАТА НА МАТЕЈ СО ЈАСНА ПОРAКА ПРЕД ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ: „Ако го одбијат притворот за Деко, излегуваме на протести!“

Јасна Марковска, мајката на Матеј кој го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најави дека ќе има протести доколку Основниот кривичен суд Скопје не го прифати предлогот на Обвинителството за определување притвор за Дејан Јованов-Деко.

Пред денешното рочиште, закажано за 10 часот, Марковска упати остро предупредување преку порака во која најави дека семејствата и граѓаните ќе излезат на улица доколку судот го одбие барањето на Обвинителството.

„Доколку Кривичен го одбие предлогот за притвор на ‘човекот’ кој во една ноќ однесе во гроб повеќе деца отколку во било која војна во историјата на оваа земја, излегуваме на протести!“, порача Марковска.

Во меѓувреме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори нова истрага против Јованов, овојпат за кривичното дело „Давање поткуп“, а до судот достави и предлог за определување притвор.

Според наводите на Обвинителството, Јованов е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија со цел да обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност. Обвинителството тврди дека тој не поднел барање за лиценца и дека бил свесен оти објектот не ги исполнува законските услови за добивање таква лиценца.

Од Основниот кривичен суд Скопје потврдија дека предлогот за притвор бил доставен до судот во доцните попладневни часови, по што било најавено дека по барањето ќе се постапува во текот на денешниот ден.

Дејан Јованов веќе се наоѓа во притвор во рамките на постапката што се води за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во пожарот животот го загубија 63 лица, додека повеќе од 200 луѓе беа повредени.

Притворот што Јованов го издржува во постапката поврзана со пожарот истекува на 3 октомври. Токму поради тоа, Обвинителството во новиот предмет побара дополнително определување притвор.

Како аргументи за новото барање, Обвинителството ја навело опасноста од бегство, како и фактот дека против Јованов веќе се води кривична постапка за делото „Тешки дела против општата сигурност“.

За предлогот за притвор во новоотворената постапка треба да одлучува судија на претходна постапка. Одлуката на судот ќе биде од особено значење со оглед на тоа што актуелниот притвор на Јованов во предметот за пожарот во „Пулс“ истекува на 3 октомври.