ПРВ.мк
Црна Хроника

Мајката на Џефри Дамер го брани синот: „Ги уби, но не сакаше да ги повреди“

Мајката на Џефри Дамер го брани синот: „Ги уби, но не сакаше да ги повреди“

Мајката на еден од најпознатите сериски убијци во американската историја, Џефри Дамер, предизвика нови полемики во јавноста со тврдењето дека нејзиниот син, и покрај грозоморните злосторства што ги извршил, „никогаш не сакал никого да повреди“.

Во разговор со американскиот криминален психолог Ерик Хики, таа изјавила: „Ги уби, но никогаш не се обиде да ги повреди“. Нејзината изјава повторно ги покрена расправитите во научните кругови за начинот на кој семејствата на монструмите се обидуваат да ги оправдаат или рационализираат нивните злодела.

Џефри Дамер на почетокот на деведесеттите години беше осуден за убиство на 17 момчиња и мажи во Милвоки. Неговите злосторства вклучуваа мачење, раскомадување на телата и канибализам, поради што стана една од најозлогласените фигури во историјата на криминалистиката.

„Сакав да бидам опкружен со пријатели“

Криминалниот психолог Ерик Хики, кој со децении ги проучува сериските убијци, оценува дека Дамер покажувал особини на социопат, но и специфични траги на искривено чувство за вина и емоционална поврзаност.

Како што пренесува New York Post, Хики во разговор открил и застрашувачки детали од истрагата. Имено, при претресот на неговиот стан, полицијата пронашла језив призор: осум човечки глави поредени на масата, со голема црна столица поставена пред нив.

Според наводите на Хики, Дамер признал дека ја осмислил таа сцена за да не биде осамен. „Сега можам да бидам опкружен со моите пријатели. Тие никогаш не можат да си заминат од мене. И тие се дел од мене – затоа што ги изедов“, објаснил Дамер.

Психолозите предупредуваат дека ваквата логика укажува на длабоко нарушен однос со реалноста, но и на обид преку екстремно насилство да се оствари целосна контрола и блискост со жртвите.

Разликата меѓу социопати и психопати: Случајот на Кристофер Вајлдер

Во контекст на новите анализи, истражувачите на криминалистичкиот подкаст „Catching Evil“ повторно го разгледуваат и случајот на Кристофер Вајлдер – сериски убиец кој во 1984 година ширум САД убиваше млади жени, претставувајќи се како фотограф кој бара модели. Постои сомнеж дека неговиот број на жртви е многу поголем од официјалните девет и дека би можел да достигне дури триесет.

За разлика од Дамер, кој се опишува како социопат, Хики објаснува дека Вајлдер спаѓа во многу поопасна категорија – психопати.

  • Особености на психопатите: „Тоа се социјални камелеони. Личности кои во јавноста делуваат шармантно, интелигентно и социјално прилагодено, додека во реалноста кријат длабоки садистички импулси и водат двоен живот“, нагласува Хики.

Крајот во затворската ќелија

Дамер во февруари 1992 година беше осуден на 15 последователни доживотни казни во Висконсин, додека 16-тата пресуда уследи подоцна. За едно од 17-те признаени убиства не беше осуден поради недостаток на докази.

Сепак, тој не доживеа да ја одслужи казната. Во ноември 1994 година, созатвореникот Кристофер Скарвер до смрт го претепа Дамер (заедно со уште еден затвореник, Џеси Андерсон) во затворската установа Колумбија, со што беше ставен крај на животот на еден од најголемите американски монструми.