Во Велика Британија властите заплениле илјадници фалсификувани кукли Лабубу, откако е утврдено дека претставуваат сериозен ризик за безбедноста на децата. Популарните кукли, познати по својот влакнест изглед и создадени од кинескиот бренд Pop Mart, станаа глобален тренд благодарение на поддршката од познати личности.
Но, на пазарот се појавиле имитации наречени „Lafufus“, кои значително се разликуваат од оригиналите – со искривени екстремитети, деформирани глави и погрешен број заби. Додека вистинските Labubu имаат девет заби, копиите често изгледаат недовршено и несоодветно изработени.
Овие фалсификати најчесто се продавале преку локални продавници и трети онлајн продавачи, без потребните безбедносни ознаки CE или UKCA, без податоци за увозникот и без задолжителни предупредувања. Дополнителен проблем е и лошата изработка – делови што лесно се одвојуваат, лабаво шиење и материјали што можат да предизвикаат задушување кај деца.
По бројни пријави од загрижени родители, Trading Standards извршиле контроли и наредиле запленување на сомнителните кукли, бидејќи директно ги кршат британските прописи за безбедност на играчки од 2011 година.
Случајот е уште едно предупредување до родителите внимателно да проверуваат каде и од кого ги набавуваат играчките за своите деца.