Силна експлозија рано утрово предизвикала уривање на двокатна зграда во центарот на Атина, по што започнала голема спасувачка операција и потрага по лица за кои постои сомнение дека се наоѓаат под урнатините.
Според првичните информации, можна причина за експлозијата е истекување природен гас, но точните околности допрва треба да бидат утврдени.
Детонацијата се случила нешто по 7:30 часот, а противпожарните екипи најпрво интервенирале за да го локализираат пожарот и да биде прекинато снабдувањето со природен гас. Веднаш потоа започнало пребарувањето на урнатините, во кое се вклучени и специјално обучени кучиња-трагачи.
Неофицијалните информации укажуваат дека спасувачите проверуваат дали во зградата во моментот на експлозијата се наоѓале брачен пар кој живеел на вториот кат и тројца туристи сместени во стан на првиот кат.
Градоначалникот на Атина, Харис Дукас, кој пристигнал на местото, потврдил дека има лица кои се водат како исчезнати, но засега не соопштил точна бројка.
Тој нагласил дека станува збор за критични моменти и дека е неопходна максимална координација на сите служби, додека градските власти ги ставиле своите капацитети на располагање на спасувачките екипи.
Акцијата за пребарување на урнатините продолжува.







