ПРВ.мк
Црна Хроника

ГОЛЕМА ИЗМАМА НА ШТЕТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ! Лажни лекари им одзеле повеќе од 2 милиони евра – еве како ја започнувале измамата

ГОЛЕМА ИЗМАМА НА ШТЕТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ! Лажни лекари им одзеле повеќе од 2 милиони евра – еве како ја започнувале измамата

Телефонски повик, лажна вест за сообраќајна несреќа и наводна итна операција се доволни за измамниците да предизвикаат паника кај постарите граѓани и да ги натераат да ги предадат своите заштеди. Во Србија, со ваканаречените „шок-измами“, криминалците досега, според медиумските извештаи, од најстарите граѓани одзеле повеќе од два милиони евра.

Сценариото најчесто започнува со повик на фиксен телефон. Лицето од другата страна се претставува како лекар или полициски службеник и соопштува дека детето или друг близок на жртвата доживеал тешка сообраќајна несреќа. Потоа бара пари за итна операција или скапи лекови, тврдејќи дека без нив животот на повредениот е во опасност.

За измамата да изгледа поверодостојно, во позадина често се слуша плачење и врескање, а друго лице го имитира гласот на наводно повредениот член на семејството. Додека жртвата е во шок, измамниците ја држат на телефон за да не може да се јави кај блиските и да ја провери приказната. Во меѓувреме, на адресата пристигнува нивен соучесник, кој ги презема парите и вредностите.

Мајка му предала пари, злато и накит, а ќерката потоа се вратила дома жива и здрава

Во Белград, 72-годишната Б. Ј. добила повик од маж кој се претставил како лекар од белградска клиника. Тој ѝ рекол дека нејзината ќерка доживеала тешка сообраќајна несреќа и дека итно се потребни скапи лекови за да ѝ го спасат животот.

Наводниот лекар ѝ најавил дека веднаш ќе испрати млад човек на нејзината адреса за да ги преземе парите. Преплашената жена ја собрала целата заштеда и му предала на курирот 400.000 динари, 1.000 евра и златен накит со исклучително голема вредност.

Само неколку минути откако измамникот си заминал со пленот, на вратата се појавила нејзината ќерка, жива и здрава, несвесна за драмата што се случила во домот.

Од 86-годишна жена прво зеле 10.000 евра, а потоа го побарале и златото

Слична измама била извршена и врз 86-годишната Љ. П. од Белград. Ја повикал лажен лекар, кој ѝ кажал дека нејзината ќерка е тешко повредена и дека се потребни пари за лекување.

Со изговор дека поради возраста не треба сама да оди во болница, измамниците испратиле помлад маж кај неа. Жената му предала околу 10.000 евра.

Но, криминалците не застанале тука. Набргу повторно ја контактирале, тврдејќи дека парите не се доволни за операцијата. Исплашена за животот на своето дете, старицата им го предала и златниот накит што го чувала дома.

Лажен лекар осомничен дека од жена одзел 200.000 динари, златни часовници и дукати

Припадници на Управата за криминалистичка полиција во Белград уапсиле 60-годишен маж со иницијали Д. Н., осомничен дека во два наврата, заедно со соучесници, ги доведувал жртвите во заблуда претставувајќи се како лекар.

Според сомневањата, тој им кажувал дека нивен близок е тешко повреден и дека мора итно да биде опериран. Од една жена биле одземени вкупно 200.000 динари, два златни рачни часовници и осум дукати.

Преку огласи за превоз пронашле луѓе што ќе ги преземаат парите

Во друг случај во Белград, организаторите на измамата ангажирале двајца мажи, Д. Ѓ. (54) и М. В. (37), чии контакти ги пронашле во огласи за превоз на стока и патници.

Додека непознати лица телефонски ги контактирале жртвите и се претставувале како лекари, двајцата оделе на нивните адреси за да ги преземат парите. На овој начин, според медиумските извештаи, повеќе граѓани биле оштетени за вкупно 25.000 евра.

Во Врање уапсен државјанин на Северна Македонија

Жртва на слична измама била и 68-годишна жена од Врање. Таа претходно добила повик од непознат маж, кој лажно ѝ соопштил дека нејзината ќерка е тешко повредена во странство и дека се потребни пари за итна операција.

Во врска со случајот бил уапсен 46-годишниот В. Т., државјанин на Северна Македонија, осомничен дека од жената зел поголема сума пари и златен накит.

Според официјалните информации на Основното јавно обвинителство во Врање, во овој град биле оштетени 10 постари лица, а биле регистрирани најмалку 18 обиди за измама. Осомничените најчесто се претставувале како лекари или полицајци, додека во позадина друго лице плачело и го имитирало гласот на повредениот роднина.

Полицијата предупредува: веднаш прекинете го повикот

Министерството за внатрешни работи и обвинителствата во Србија упатиле апел до граѓаните, особено до помладите, да ги предупредат своите родители, баби и дедовци за ваквиот начин на измама.

Надлежните советуваат:

  • Веднаш прекинете го разговорот ако непознато лице ви каже дека близок е повреден и побара пари.
  • Јавете се директно кај членот на семејството на неговиот познат телефонски број за да проверите дали приказната е вистинита.
  • Не предавајте пари или злато на непознати лица. Лекарите, полицајците и државните службеници не треба да бараат готовина или златен накит на домашна адреса за наводни операции и лекување.

Доколку се посомневате дека сте цел на измама или веќе сте предале пари, веднаш пријавете го случајот во полиција. Во Србија, бројот за полиција е 192.

Најнови вести