НУ Завод и музеј – Битола, во соработка со Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам Љубојно, ја реализираа првата фаза на подводни археолошки истражувања во Преспанско Езеро како дел од проектот ACT4PRESPA. Целта на истражувањата е да се идентификуваат, документираат и заштитат археолошките богатства во и околу езерото, со особено внимание на локалитетите кои досега биле недостапни за истражување.
Во првите две фази, стручен тим спровел рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Грција до границата со Албанија, при што биле детектирани и документирани вкупно 11 археолошки локалитети. Локалитетот во близина на селото Наколец се покажал како најзначаен за понатамошно истражување, по што започнале сондажните археолошки истражувања во два циклуси.
– „Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, истакна Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегле на копно, што овозможило спроведување на сондажните истражувања кај село Наколец. При истражувањата бил откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено внимание привлечеле наоди изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи.
Овие наоди се прв и засега единствен пример на зачувани предмети од органски материјали од локалитет датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај село Наколец претставува прв и единствен пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век. Петров објаснува дека зачувувањето на органските материјали е резултат на специфичната средина на езерото – слоевите на мил и тиња создаваат околина без кислород, која ги штити објектите од распаѓање и овозможува уникатен увид во животот на минатите заедници.
Првичните анализи на тимот укажуваат дека средновековните жители на Преспа се занимавале главно со земјоделство, а не со риболов, што е изненадувачки со оглед на близината на езерото и фактот дека во минатото Преспанското Езеро било значително помало.
















