ПРВ.мк
Црна Хроника

Страшни поплави: Загинаа повеќе од десет лица по обилните дождови

Страшни поплави: Загинаа повеќе од десет лица по обилните дождови

Обилните дождови што со денови ја погодуваат западна Африка предизвикаа катастрофални поплави во Брегот на Слоновата Коска, при што животот го загубија повеќе од десет лица. Најтешко погоден е главниот град Абиџан, каде што се регистрирани најголем дел од жртвите.

Според локалните власти, невремето предизвикало големи поплави, свлечишта и уривање на објекти во повеќе делови од градот. Локалните медиуми јавуваат дека најмалку девет лица останале затрупани под урнатини во населбата Мосикро, каде што силните дождови започнале уште во текот на викендот.

Спасувачките екипи и понатаму се на терен, а надлежните предупредуваат дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми бидејќи потрагата по исчезнатите сè уште трае.

Слична ситуација има и во соседна Гана, каде што поплавите досега однесоа најмалку 14 животи. Голем број населени места останаа под вода, а стотици жители беа принудени да ги напуштат своите домови.

Според Светската метеоролошка организација, африканскиот континент е меѓу најранливите региони кога станува збор за екстремните временски појави. Иако придонесува со мал дел од глобалните емисии на стакленички гасови, Африка сè почесто се соочува со разорни поплави, суши и други климатски катастрофи кои носат сериозни последици за населението.