Осумнаесетгодишна девојка се здобила со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода што се случила на регионалниот пат Куманово–Липково, во селото Опае, Општина Липково.
Според информациите од полицијата, несреќата била пријавена на 17 октомври 2026 година, околу 15:10 часот, во Секторот за внатрешни работи Куманово.
Во незгодата учествувало патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 18-годишната С.А. од селото Слупчане.
Од засега соопштените информации, возилото излетало од патот и удрило во метална конструкција.
При ударот, тешки телесни повреди добила сопатничката А.А. (18), исто така од селото Слупчане. Повредите биле констатирани во Општата болница во Куманово.
На местото на сообраќајната незгода увид извршила екипа од СВР Куманово, а околностите под кои дошло до излетувањето од патот се предмет на полициско постапување.






