Четиринаесет лица загинаа, а уште триесет и четири се повредени во тешка сообраќајна несреќа на релацијата меѓу Бешар и Тиндуф, во крајниот југ на Алжир, соопштија локалните служби за цивилна заштита.
Несреќата се случила во градот Тебелбала, околу 400 километри јужно од Бешар. Според фотографиите објавени од локалните медиуми, автобусот бил пронајден превртен на покрив покрај патот, со сериозни оштетувања на каросеријата.
Претседателот на Алжир, Абделмаџид Тебун, изрази длабока жал и искрено сочувство до семејствата на загинатите, нагласувајќи дека државата стои зад сите погодени од трагедијата.
Причините за несреќата сè уште не се познати. Надлежните служби спроведуваат истрага со цел да го утврдат точниот тек на настанот и факторите што довеле до превртувањето на автобусот.

















