Необичен и морничав случај ја потресе американската сојузна држава Алабама, откако 44-годишен маж, осомничен дека ја убил својата девојка, починал од срцев удар додека се обидувал да го сокрие нејзиното тело во шумска област.
Според информациите од истражните органи, заменик-шериф од округот Чемберс на 10 јуни ги пронашол телата на Даниел Робинс (44) и Џесика Фолдс (47) во пошумена област во близина на напуштено возило во градот Ланет. Телата биле испратени на обдукција, по што форензичките наоди откриле дека жената починала од давење.
Истражителите утврдиле дека двајцата биле во љубовна врска и дека Робинс, најверојатно, ја убил Фолдс пред да се обиде да го сокрие нејзиното тело. Според окружниот обвинител Мајк Сегрест, осомничениот доживеал срцев удар токму за време на обидот да го однесе телото подлабоко во шумата.
Полицијата на местото пронашла возило со вклучен мотор и отворена возачка врата, додека задниот дел од камионот бил спуштен. Истражителите забележале и траги на влечење по земјата, кои воделе до местото каде што биле пронајдени телата.
Локалните власти соопштија дека случајот е целосно расчистен врз основа на форензичките докази и резултатите од истрагата. Џесика Фолдс, според локалните медиуми, била мајка на четири деца – три сина и една ќерка.









