Претставниците на земјите членки на Европската унија денеска ќе одржат вонреден состанок во Брисел по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување нови царини поврзани со Гренланд. Состанокот е свикан на ниво на амбасадори по иницијатива на Кипар, кој моментно претседава со Советот на ЕУ.
Трамп најави дека од 1 февруари ќе воведе дополнителни 10% царини за осум европски земји – Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска – кои од 1 јуни би се зголемиле на 25%, освен ако не се постигне договор за продажба на Гренланд на САД.
ЕУ засега не соопшти дали на состанокот ќе се дискутира за можни контрамерки, но Брисел располага со инструмент против присила, кој овозможува воведување реципрочни царини и други мерки кога трета земја се обидува да изнуди политичка одлука преку трговски притисок.
Инаку, земјите на кои им се заканува со царини учествуваа во воена извидничка активност на Гренланд во рамки на данската вежба „Arctic Endurance“, организирана заедно со НАТО-сојузниците.

















