Во судницата во „Идризово“ денеска продолжи процесот за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Јавното обвинителство изведе нови материјални докази од увидот на местото на несреќата, откривајќи детали што дополнително ја осветлуваат причината за катастрофата.
Меѓу пронајдените предмети бил изгорен ресивер за активирање пиротехнички уред и црн ранец „Најк Џордан“ во кој имало пластично куферче со два ресивера, батерија „Филипс“ и кеса со неискористено пиротехничко средство. Овие наоди директно упатуваат на употреба на пиротехника како причина за пожарот.
Пред судот беше презентиран фотоалбум со 92 фотографии што ја прикажуваат состојбата во објектот – распоредот на бината, димензиите на вратите и решетките на прозорците. Обвинителството посочи дека растојанието од бината до плафонот било само 2,7 метри, додека пиротехничката фонтана имала домет поголем од тоа, што ја зголемило опасноста.
Објектот бил обложен со стиропор, дрво, гипс-картон и сунѓер набавен уште во 2012 година, кој при горење создавал „жешки капки“. Траги од нив биле пронајдени и на облеката на жртвите, вклучително и на јакната на пејачот Андреј Ѓорѓиевски од групата ДНК.
Дополнително, биле пронајдени три празни противпожарни апарати, а евакуацијата била речиси невозможна поради нефункционални врати, катанци и решетки на прозорците.
„Пожарот настанал како последица на употреба на пиротехнички средства од страна на групата ДНК,“ истакна обвинителот.






