Најмалку 12 лица се повредени во пукање што се случи на фестивалот Old West End во Толедо, во американската сојузна држава Охајо.
Инцидентот се случил нешто по 23 часот по локално време, во момент кога посетителите го напуштале фестивалот по неговото завршување. Според информациите од полицијата, десет лица се здобиле со прострелни рани, додека уште две биле повредени во паниката што настанала по пукањето.
Меѓу повредените има лица на возраст од 16 до 51 година, а едно лице се наоѓа во критична состојба.
Фестивалот Old West End, кој оваа година ја одбележа својата 51-годишнина, важи за еден од најголемите и најпосетуваните настани во регионот.
Полицијата соопшти дека засега нема приведени лица и интензивно трага по напаѓачите. Истражителите побараа помош од граѓаните и ги повикаа сите кои имаат фотографии, видеоснимки или корисни информации за инцидентот да ги достават до надлежните служби.
„Нашите службеници беа присутни на терен за да помогнат при разотидувањето на посетителите по завршувањето на фестивалот. Нешто по 23 часот беа испукани повеќе истрели“, изјави началникот на полицијата Мајкл Троендл.
Градоначалникот на Толедо, Вејд Капзукјевич, го осуди нападот и порача дека станува збор за трагичен ден за градот.
„Ова е тажен ден за нашата заедница. Настан кој повеќе од пет децении ги обединува луѓето стана сцена на насилство“, изјави градоначалникот.
Истрагата за случајот е во тек, а мотивите за нападот засега не се познати.







