Попладнево околу 16 часот во Милано, трамвај излета од шините во северниот дел на градот, при што најмалку едно лице загина, а 39 се повредени. Според првичните информации, трамвајот удрил во страничен дел на зграда, а се претпоставува дека жртвата е пешак. Најголемиот дел од повредените се патници во возилото.
На лице место се присутни бројни медицински екипи, а според првичните извештаи, некои лица останале заробени во трамвајот. Патници сведочеле дека непосредно пред несреќата слушнале силна бучава под возилото, по што трамвајот ненадејно забрзал и удрил во зграда.
„Мислев дека е земјотрес. Седев и одеднаш паднав на подот, како и останатите патници. Ужасно“, изјави еден од патниците за агенцијата Анса.

Причината за излетувањето од шините засега е непозната, иако медиумите шпекулираат дека трамвајот можеби пребрзо влегол во свиок. Истрагата за несреќата е во тек.
























