На 89-годишна возраст почина познатата хрватска поп и џез пејачка Габи Новак, јави хрватскиот весник „Јутарњи“. Оваа тажна вест следува само два месеца откако нејзиниот син, музичарот Матија Дедиќ, почина на 53 години.
Габи Новак остави зад себе богат музички наследство, карактеризирано со извонреден глас, длабоки емоции и препознатлив стил. Родена во Берлин на 8 јули 1936 година, таа го минала детството помеѓу Германија и островот Хвар, каде што семејството се преселило по почетокот на Втората светска војна. Во 1945 година, нејзиниот татко беше убиен.
Таа дипломирала на Факултетот за применети уметности во Загреб, каде што подоцна работела како карикатурист и сценограф во „Загреб филм“, истовремено позајмувајќи гласови на анимирани ликови. Првите големи музички успеси ги постигна благодарение на поддршката од Бојан Адамиќ и „Биг бендот“ од Љубљана. Позната е по изведбите како „Среќно патување“ и „Љубов или шега“, а во 1958 година настапи на Бледскиот џез фестивал во дует со Луис Армстронг. Во 1964 година одби понуда за настапи на западниот пазар, бидејќи не беше подготвена да се откаже од својот идентитет и стил.
Во приватниот живот, била во брак со Стипица Калоѓера, а во 1970 година се омажи за Арсен Дедиќ, со кого го доби синот Матија. Нејзината работа е високо ценета, а добитничка е на наградата „Порин“ за најдобра женска вокална изведба и за посебен придонес во хрватската музика.
Габи Новак ќе остане запаметена како една од најголемите ѕвезди на хрватската музичка сцена, со глас и стил што оставија неизбришлив белег во музичката историја.