Интерпол објави црвена потерница за Милош Меденица, син на поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица. Тој е осуден на 10 години и два месеца затвор за создавање криминална организација. Потерницата е јавно достапна на официјалната веб-страница на Интерпол, по барање на Управата на црногорската полиција.
Како што информираат надлежните, Генералниот секретаријат на Интерпол во Лион ја издал јавната меѓународна потерница за 39-годишниот Меденица, роден во Колашин. Потерницата е распишана врз основа на наредба на Вишиот суд во Подгорица, со согласност на Министерството за правда на Црна Гора.
Од Управата на полицијата истакнуваат дека Канцеларијата на Интерпол во Подгорица ја иницирала меѓународната потерница во четврток, откако истовремено биле доставени и судската наредба и согласноста од Министерството за правда.

















