Општинското државно обвинителство во Карловац поднесе обвинение против 35-годишен свештеник од Госпиќко-сенската бискупија, кој се товари за шест кривични дела сексуално вознемирување на друг свештеник во периодот од 2017 до 2022 година.
Според обвинението, свештеникот од Госпиќ наводно ја искористил довербата и авторитетот што ги имал, при што со несоодветни физички контакти го повредил достоинството на другиот свештеник и го довел во понижувачка положба.
Обвинителството, покрај тоа, предлага и забрана за вршење одредена должност или дејност, објави „Нови лист“.
Случајот стана познат во јавноста во април, откако бискупијата поднела пријава, по што била започната полициска истрага.
Обвинетиот свештеник од областа Лика привремено е отстранет од црковните должности. Од бискупијата порачаа дека имаат нулта толеранција кон каква било форма на злоупотреба.
Сепак, се нагласува дека обвинетиот се смета за невин сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.










