Тешка железничка несреќа ја потресе Велика Британија откако два патнички воза се судриле во близина на Лондон, при што едно лице загина, а десетици се повредени.
Според службите за итни интервенции, вкупно 89 патници се повредени, од кои 33 се во сериозна или многу тешка состојба. На местото на несреќата веднаш биле испратени повеќе од 20 амбулантни возила и шест спасувачки хеликоптери, кои учествувале во евакуацијата и укажувањето помош.
Според првичните информации, судирот се случил на железничка рута северно од Лондон, во близина на Бедфорд, околу 100 километри од британската престолнина. Двата воза, кои сообраќале меѓу Лондон Сент Панкрас и Лестер, се судриле под сè уште неразјаснети околности.
Железничкиот оператор потврди дека едниот воз тргнал од Корби, а другиот од Нотингем. Причините за несреќата засега не се познати, а истрагата е во тек.
Според синдикални извори, загинатиот е машиновозач на еден од возовите. Очевидци опишуваат сцени на хаос, со излетани вагони и патници во шок по силниот удар.
Британскиот премиер ја оцени несреќата како „крајно загрижувачка“ и изрази сочувство до семејствата на жртвите и повредените, истовремено пофалувајќи ја брзата реакција на спасувачките служби.
Железничкиот оператор привремено ги суспендираше сите линии кон и од Лондон, додека трае истрагата и расчистувањето на последиците од несреќата.






