Страшен инцидент ја потресе Хрватска откако 19-годишен доставувач на храна беше убиен во Дрниш, а осомничениот напаѓач е во бегство и по него интензивно трага полицијата.
Според информациите од истрагата, трагедијата се случила доцна вечерта на тераса од семејна куќа. Младиот доставувач пристигнал за да ја предаде нарачаната храна, но наместо вообичаен бакшиш, бил пречекан со истрели од огнено оружје. Тој починал на самото место.
За убиството е осомничен 50-годишен маж кој веднаш по пукањето избегал. Полицијата соопшти дека станува збор за лице кое и претходно било познато на органите на редот, а против него во минатото биле поднесувани пријави поврзани со оружје и насилство.
Хрватските медиуми објавуваат дека осомничениот уште во 90-тите бил осуден за тешко убиство и поминал години во затвор, по што бил пуштен на слобода. Жители на Дрниш тврдат дека со години предизвикувал проблеми и страв кај граѓаните.
Случајот предизвика огромен револт во јавноста, особено поради фактот што жртвата била младо момче кое работело за да заработи. Потрагата по осомничениот и натаму продолжува, а истрагата треба да ги открие точните мотиви за злосторството.







