Турскиот регион Баликесир беше потресен од земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, кој силно се почувствуваше и во Истанбул и во многу други градови низ земјата. Во несреќата загина еден човек, додека 29 лица се повредени, но нивната состојба не е критична.
Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, потврди дека жртвата е 81-годишен маж кој беше извлечен жив од урнатините на една станбена зграда во градот Сундерга. И покрај брзата медицинска помош, за жал, тој почина. Министерот потенцира дека здравствената состојба на повредените е стабилна и нема закана по нивниот живот.
Околу 16 згради, главно во руралните делови, биле сериозно оштетени, по што граѓаните се предупредени да не влегуваат во нив. Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби информира дека ноќните операции за пребарување и спасување се прекинати, додека за денеска е закажан увид во штетите на зградите. Засилувања од соседните региони се веќе испратени за поддршка.
Опсерваторијата Кандили објави дека покрај главниот земјотрес, следеле три последователни потреси со јачина од 4,6, 4,1 и 4,0, како и околу 15 помали потреси со јачина над 3 степени, што ја одразува високата сеизмичка активност во регионот.