ПРВ.мк
Балкан

Тиркизно море, бели плажи и кафе за 1 евро – „европските Малдиви“ кои се кријат веднаш до нас!

Тиркизно море, бели плажи и кафе за 1 евро – „европските Малдиви“ кои се кријат веднаш до нас!

Во срцето на Балканот, веднаш до Македонија, се наоѓа дестинација која сè почесто ја нарекуваат „европски Малдиви“ – Албанија. Иако со години беше потценувана како туристичка дестинација, денес таа станува сè попопуларна меѓу европските патници кои бараат море како од разгледница, но без високите цени и гужвите.

Најголемата атракција е албанското крајбрежје, особено подрачјата на Јонското Море, каде водата е кристално чиста и со интензивна тиркизна боја, споредлива со најпознатите светски летувалишта. Плажите се покриени со бел песок, а многу од заливите се опкружени со карпи и борови шуми, што создава чувство на изолирана и мирна природа.

Посебно внимание привлекува летувалиштето Ксамил, каде морето изгледа како природен базен, со неверојатно бистра вода. За оние што сакаат потивка атмосфера се препорачува Химара, додека Борш нуди долги и мирни прошетки покрај морето, далеку од туристичките гужви.

Она што дополнително ја прави дестинацијата привлечна се цените. Во споредба со Италија или Хрватска, Албанија останува значително поевтина. Просечна вечера во ресторан чини околу 10 до 15 евра, додека кафе може да се најде за околу 1 евро. Сместување покрај море започнува од 35 до 50 евра за апартман, а хотелите од средна категорија се достапни од околу 50 евра па нагоре.

Но Албанија не е само море. Внатрешноста на земјата крие историски и природни богатства. Берат, познат како „градот на илјада прозорци“, нуди уникатна османлиска архитектура. Ѓирокастра е камен град со силен историски карактер, додека природниот феномен Сино Око воодушевува со својата длабока сина боја и извирање директно од земјата.

Посебно впечатлив е и езеро Коман, кое со своите стрмни карпи потсетува на норвешки фјордови, како и националниот парк Тет во Албанските Алпи, кој е омилен меѓу љубителите на планинарење и недопрена природа.

Туристите сè почесто ја избираат Албанија затоа што сè уште не е целосно комерцијализирана дестинација. На улиците може да се види секојдневниот живот на локалното население, традиционални пазари и едноставна атмосфера која недостига во многу популарни европски летувалишта.

Најдобриот период за посета е јуни или септември, кога температурите се пријатни, морето е топло, а цените и гужвите се значително помали.

Сè повеќе патници ја гледаат Албанија како комбинација од природна убавина, пристапни цени и автентично искуство – дестинација која нуди повеќе отколку што на прв поглед се очекува.