Македонците кои планираат викенд шопинг во Солун треба да бидат подготвени на можни сообраќајни проблеми, откако грчките власти најавија целосен прекин на сообраќајот на дел од источната внатрешна обиколница во период од 48 часа.
Сообраќајот ќе биде затворен од петок, 13 март, во 23 часот до недела, 15 март, во 23 часот. Затворен ќе биде делот помеѓу клучките К7 (Ептапирхио) и К8 (Тријандрија), една од најфреквентните сообраќајници во градот.
Причината за затворањето е рушењето на мостот „Агиос Павлос“, кој е дел од големиот инфраструктурен проект „Flyover Thessaloniki Project“.
Во текот на двата дена сообраќајот ќе биде пренасочуван низ градските улици, поради што властите очекуваат значително зголемен метеж.
Сообраќајната полиција апелира возачите да избегнуваат непотребно движење по оваа делница и да ги следат поставените знаци и упатствата од службите на терен.
Информацијата е објавена и во групата „Грција инфо“, каде редовно се споделуваат корисни информации за патниците од регионот.


















