Новиот чешки премиер, Андреј Бабиш, истакна дека ЕУ треба итно да ја прошири Шенген зоната кон земјите од Западен Балкан. Според него, тоа е клучно за заштита на Европа од шверцери кои злоупотребуваат мигранти. „Не разбирам зошто ЕУ одамна не одлучи да ја прошири Шенген зоната за земјите од Западен Балкан, за да ја браниме нашата Европа“, изјави Бабиш.
На првата работна седница на новата чешка влада, на агендата ќе бидат и други европски прашања – меѓу кои отфрлање на новите дозволи за емисии од ЕТС2, новиот зелен данок и пактот за миграција. Чешка ќе учествува и на самитот на земјите што се против новите европски решенија за миграцијата, организиран од Данска, а Бабиш најави и средби со лидерите на земјите од Западен Балкан.
Во однос на Украина, премиерот рече дека Чешка ќе продолжи со хуманитарна помош, но не се изјасни за користењето на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина. Бабиш апелираше за прекин на огнот и за мировни решенија, нагласувајќи дека илјадници војници продолжуваат да губат живот секоја недела. „Секоја војна е лоша и треба да се потсетиме на Втората светска војна, која однесе огромен број жртви. Европа треба да зборува за мир, а не за војна“, додаде тој.















