Разрешувањето на јавниот обвинител Љупчо Коцевски утре ќе биде разгледано на собраниска седница пред народните избраници, а претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека ќе предложи надополнување на дневниот ред со оваа точка.
Гаши истакна дека поканата за Коцевски да присуствува на седницата претпладнево сè уште не била испратена, но дека до крајот на денот ќе му биде доставена. „До крајот на денот поканата ќе му стигне на обвинителот Љупчо Коцевски. Утрешната седница ќе биде надополнета токму со оваа точка на дневниот ред откако предлог-барањето стигна од Владата и сега треба да се процесуира во законодавниот дом според процедурите и деловникот“, појасни Гаши.
Коцевски претходната недела, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ќе почека да ја добие поканата пред да одлучи дали ќе се појави на седницата, но не конкретизираше дали ќе присуствува. При гласањето на неговата интерпелација, тој не присуствувал, туку испратил само официјален допис.
Премиерот Мицкоски во една од последните изјави нагласи дека не го именува новиот обвинител, туку посочи дека постои јавен повик, а потоа процедурата повторно се враќа во Собранието. Од Владата само кратко наведуваат дека очекуваат постапката да заврши брзо, но истакнуваат дека нивниот став не е во согласност со Советот на јавни обвинители, кој претходно се произнел и не дало зелено светло за разрешувањето на Коцевски.
Објаснувањето од Владата е дека Коцевски направил сериозни професионални пропусти при раководењето со Јавното обвинителство, што довело до нарушување на неговата ефикасност и функционалност.















