ПРВ.мк
Балкан

ПОВТОРНОТО ГЛАСАЊЕ ВО СРБИЈА ЈА ПРОМЕНИ РАСПРЕДЕЛБАТА НА МАНДАТИТЕ: Студентската листа почна да губи?

ПОВТОРНОТО ГЛАСАЊЕ ВО СРБИЈА ЈА ПРОМЕНИ РАСПРЕДЕЛБАТА НА МАНДАТИТЕ: Студентската листа почна да губи?

Повторувањето на гласањето на вонредните парламентарни избори во Србија, кое вчера се одржа на 53 избирачки места, донесе промени во распределбата на пратеничките мандати во Народното собрание. Новите резултати се разликуваат од претходните проекции што ги објави Републичката изборна комисија, информираше организацијата на граѓанското општество CRTA.

Како што објави CRTA на својот профил на Инстаграм, листата „Усаме Зукорлиќ (СПП) – Движење за помирување“ успеала да освои едно пратеничко место. Истовремено, „Студентска листа – Студентите победуваат“ изгубила еден мандат, па вкупниот број на нејзини пратеници сега изнесува 140.

Според моментално достапните податоци, листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ ќе има 103 пратенички места во парламентот.

По два мандата ќе добијат неколку други листи: „Сојуз на војводинските Унгарци – Д-р Балинт Пастор“, „Албанска коалиција“, „Расим Љајиќ – Човечки (СДП-ЦДП)“ и „СДА на Санџак – Чувари на Санџак“.

Од CRTA посебно укажаа на фактот дека разликата од само 12 гласа била пресудна за листата на Зукорлиќ да добие пратеничко место. Токму затоа, според организацијата, уште позагрижувачки се наводите за купување гласови во корист на оваа листа.

„Со оглед на тоа што разлика од само 12 гласа беше одлучувачка за листата на Зукорлиќ да освои пратеничко место, наводите за купување гласови во нивна корист се уште позагрижувачки“, наведоа од CRTA.

Инаку, излезноста на повтореното гласање на 53-те избирачки места изнесувала 44,9 отсто.