ПРВ.мк
Балкан

КРАЈ НА ЛЕЖАЛКИТЕ КАКО ШТО ГИ ЗНАЕТЕ? Над 250 плажи стануваат „зони без профит“ – ќе мора сами да си носите чадор!

КРАЈ НА ЛЕЖАЛКИТЕ КАКО ШТО ГИ ЗНАЕТЕ? Над 250 плажи стануваат „зони без профит“ – ќе мора сами да си носите чадор!

Грција воведува радикални промени кои директно ќе го променат искуството на туристите на плажа. Со новите мерки, дури 251 плажа низ земјата се ставаат под посебен режим, каде комерцијалните активности ќе бидат строго ограничени или целосно забранети.

Овие локации се прогласени за т.н. заштитени „црвени зони“, што во пракса значи дека на нив нема да има класични лежалки, чадори за изнајмување, барови или било какви привремени објекти на песокот. Наместо тоа, посетителите ќе можат да уживаат во природна, недопрена околина – но со една важна разлика: ќе мора сами да се снајдат за основните работи како сенка и удобност.

Голем дел од овие плажи се наоѓаат во рамките на европската еколошка мрежа НАТУРА 2000, што значи дека нивната заштита е приоритет. Од Министерството за животна средина на Грција потенцираат дека целта е да се зачуваат природните екосистеми и да се спречи прекумерната експлоатација на крајбрежјето.

Овој потег е дел од поширока стратегија за контрола на масовниот туризам и справување со последиците од климатските промени. Наместо краткорочен профит, фокусот се става на долгорочна одржливост и зачувување на природната убавина која ја прави земјата привлечна за туристите.

Заштитените плажи се распослани низ целата држава, вклучувајќи ги островите како Сими, Наксос, Сифнос, Тилос, Родос, Крф, Лефкада, како и делови од Крит, особено регионот Кисамос.

Статусот на „недопрена плажа“ значи дека пристапот за посетителите останува дозволен, но без класичната туристичка инфраструктура. Бизнисите нема да смеат да поставуваат чадори, маси или столчиња за комерцијална употреба, а ќе биде забрането и изнајмување опрема за водени активности како педалинки, џет-скии и кајаци.

Сепак, одредени услуги ќе бидат дозволени – мобилни продавници и приколки ќе можат да нудат пијалоци и лесни закуски, што значи дека основната понуда нема целосно да исчезне.

Дополнително, новите правила предвидуваат и други ограничувања: нема да се дозволуваат организирани настани со повеќе од 10 лица, ќе се забрани користење на силна звучна опрема, како и движење на автомобили по песокот.

Иако постојните договори за користење на плажите ќе останат на сила до нивното истекување, јасно е дека се најавува нова ера – онаа во која природата добива предност пред масовниот туризам и неконтролираната комерцијализација.

Најнови вести