ПРВ.мк
Балкан

Државата плаќа за грижа на деца – родителите ќе добиваат помеѓу 300 и 500 евра месечно, но има важен услов!

Државата плаќа за грижа на деца – родителите ќе добиваат помеѓу 300 и 500 евра месечно, но има важен услов!

Грција започна нова програма која директно ги таргетира вработените родители, нудејќи им финансиска поддршка од 300 до 500 евра месечно – средства што не можат да се користат произволно, туку строго за ангажирање на лица за грижа на деца.

Според информациите објавени од БТА, повикувајќи се на телевизијата Антена, програмата официјално стартувала на 28 април, а заинтересираните родители можат да аплицираат преку специјално креирана онлајн платформа.

Висината на месечната поддршка зависи од работниот статус на родителите. Така, оние кои работат со скратено работно време или се во потрага по работа ќе добиваат по 300 евра месечно. Од друга страна, родителите со полно работно време имаат право на повисока поддршка, односно 500 евра месечно.

Средствата се строго наменети за ангажирање дадилки кои мора да бидат регистрирани во системот. Со оваа мерка, властите имаат цел да воспостават организирана и контролирана мрежа за грижа на најмалите – деца на возраст од само два месеци па сè до две и пол години.

Дополнително, постојат и јасно утврдени правила за функционирање на системот. Секоја дадилка ќе може да се грижи за најмногу три деца истовремено, а родителите ќе имаат можност да го променат лицето кое се грижи за нивното дете доколку има потреба.

Целата платформа ќе биде под директен надзор на државата, што значи дека сите пријавени кандидати ќе мора да исполнуваат строги услови – вклучително и чисто криминално досие, како и одредени здравствени критериуми. Дополнително, одобрените дадилки ќе треба да поминат обука за прва помош.

Интересно е што во програмата ќе можат да се вклучат различни категории на лица – од професионалци и студенти, па сè до пензионери и дури блиски членови на семејството, како што се баби и дедовци, доколку ги исполнуваат условите.

Сепак, и родителите кои сакаат да ја користат оваа можност ќе треба да исполнат одредени критериуми, што значи дека програмата не е автоматски достапна за сите, туку бара исполнување на конкретни услови утврдени од надлежните институции.

Најнови вести