Интернет страницата на Радио Телевизија на Албанија како и нејзините профили на социјалните медиуми, беа мета на сајбер напад.
Албанската радиотелевизија преку социјалните мрежи потврди привремено преземање на нивниот профил и извести дека се работи на реставрација на сајбер безбедноста и отстранување на објавите со неподобна содржина.
„Нашата сметка беше предмет на кибер напад, што предизвика неавторизирани објави. Работиме на враќање на безбедноста и бришење на секаква несоодветна содржина. Ве советуваме да не комуницирате со сомнителни објави и да пријавувате секаква необична активност. Ви благодариме за разбирањето“, се вели во известувањето публикувано на официјалната страница на Радио Телевизија на Албанија на Фејсбук.
Воедно, медиумите од Косово пренесуваат дека веб-страницата била инволвирана во напад од српски хакери, кои по преземањето, започнале со објавување на невистинити информации и наслови: „Албанија го повлекува признавањето на Косово“ со фотографија на премиерот Еди Рама, „Косово е Србија“, беа само дел од заглавијата кои се појавија на службената веб страна на РТШ, информираат албанските медиуми.