Инцидент во гимназијата во Бечеј: Падна дел од таванот за време на настава, четири ученици со полесни повреди
Дел од таван во училница на гимназијата во Бечеј се урна денеска за време на наставата, јавуваат локалните медиуми. Инцидентот се случил во кабинетот по јазик додека учениците биле присутни, но за среќа, никој не е сериозно повреден.
Настанот го потврди и директорот на училиштето, Миодраг Башариќ, кој за српскиот медиум 021.rs изјави дека училиштето веднаш активирало тим за итни случаи, кој работи на собирање информации и проценка на штетата. „Јавноста ќе биде навремено информирана за сите детали“, додаде тој.
На местото на настанот веднаш пристигнале екипи на полицијата и брзата помош.
Според соопштение од Општина Бечеј, настанот се случил на 22 мај за време на часовите, кога гипс паднал од таванот во кабинетот по јазик. Потврдено е дека четворица ученици добиле само полесни повреди – гребнатини, без сериозни последици.
„Загрижува фактот што катот над оштетената училница сѐ уште е под блокада, која започна на 21 февруари како дел од ученички протест и траеше до 6 април. Иако наставата продолжи на приземјето, горниот кат не беше целосно достапен“, изјави претседателот на општина Бечеј, Вук Радојевиќ.
Тој апелираше до учениците и родителите кои сè уште блокираат делови од училиштето да го прекинат тоа, за да може стручното лице да изврши целосна проверка на објектот. „Станува збор за безбедноста на нашите деца“, нагласи Радојевиќ.
Милан Бокун, член на Собранието на Бечеј и родител на ученик во гимназијата, за Н1 изјави дека овој инцидент е аларм за неодговорност и негрижа. Тој потсети дека по претходна инспекција, извршена по налог на државниот врв, биле евидентирани пукнатини на таваните и ѕидовите, но очигледно не биле преземени конкретни мерки.
„Кабинетот каде што се случи падот беше свечено отворен пред нешто повеќе од една година. Реновиран е со голема помпа, во присуство на помошник-министер за образование. Очигледно е дека се инвестира во козметика, но не и во суштинска безбедност“, истакна Бокун.
Од надлежните институции е најавено дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за утврдување на одговорноста и спречување на слични инциденти во иднина.